недела, 3 декември 2006

Абецедар



разгледај го букварот Абецедар клик тука

среда, 15 ноември 2006

Оригиналниот „Абецедар“ е во Скопје



Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер, му го подарил букварот на Архивот на Македонија пред триесетина години

Во Република Македонија има само еден зачуван примерок од оригиналното издание на „Абецедар“, првиот буквар за македонските деца отпечатен пред 81 година во Грција. Книгата се чува во посебно депо во Архивот на Македонија и најверојатно тој примерок е еден од трите зачувани при уништувањето на целиот тираж во 1925 година. Учебникот е зачуван благодарение на грижата на Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер од Егејска Македонија, кој му го подарил букварот на Архивот пред триесетина години.

Ајановски ја добил книгата при крајот на Втората светска војна од еден македонски учител од Егејска Македонија, кој успеал да ја спаси од уништувањето. Кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век тој решил да и' ја подари целата своја лична архива на државната институција, откако повеќе од четири децении ја чувал во своето семејство. Ајановски беше создавач на Македонската антифашистичка организација (МАО) и на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) во Воденско во текот и по Втората светска војна.

Другите два примерока на букварот, како што дознаваме, се во Градската библиотека на Виена, Австрија, односно во Националната библиотека во Атина, Грција. Оригиналниот примерок од Атина беше искористен од Македонците од Грција за да се направи копијата на „Абецедар“ чија промоција неодамна беше одржана во грчката престолнина. Букварот, наменет за описменување на македонските деца, претставува еден од најзначајните докази за постоењето на Македонците во Грција, кое грчките власти упорно го негираат.

Книгата беше отпечатена во Атина, во 1925 година како резултат на барањето на Друштвото на народите за да се обезбеди заштита на македонското малцинство во Грција. На 10 август 1920 година Грција потпиша договор пред Друштвото на народите за давање малцински права на граѓаните во Грција што не се етнички Грци. Договорот е потпишан во францускиот град Севр и во него пишува дека во Грција живеат припадници на повеќе народи, на кои грчката влада се обврзува да им ги даде основните национални права.

Но, судбината на букварот „Абецедар“ беше трагична - целиот печатен тираж бил запален и уништен во исцениран напад на возот со кој бил пренесуван кон местата во Грција каде што живеат Македонци.

Георги Ајановски, познат македонски новинар, посочува дека неговиот татко Вангел сосема случајно го добил букварот „Абацедар“.

- Тоа се случи во 1944 или во 1945 година, при една негова средба со еден од учителите што предаваше во македонските училишта. Татко ми ми раскажа дека желбата на учителот била букварот да послужи за описменување на најмладите македонски генерации и во другите краишта на Македонија. Познато е дека во тие години немаше никаков учебник од кој децата можеле да се описменуваат - вели Ајановски.

Тој додава дека овој примерок на букварот најверојатно го спасиле луѓето што први пристигнале до запалениот воз во чии вагони се наоѓал целиот тираж на изданието.

Букварот е одлично заштитен

Петар Зајковски, раководител на Одделението за заштита на архивскиот материјал во државниот архив, вели дека букварот се чува во посебни услови.

- Благодарение на условите во Архивот, букварот е во мошне добра состојба. Неговите корици се заштитени и со посебна хартија, која е отпорна на надворешните влијанија - вели Зајкоски.


Бранко Горгевски

„ДНЕВНИК“

АБЕЦЕДАР


Патот на македонскиот буквар во Грција долг 81 година

Под притисок на Друштвото на народите, Грција мораше во 1925 година да го објави овој единствен буквар на македонски јазик
ДИМИТАР ЧУЛЕВ

„Сите љуге имат една глава, две раце, две нодзе. Главата има згорје косие, и напрет има две очи, еден нос и една уста. Устата натре има заби и еден јазик. Забите сет бели, јазико је црвен. Со устата јадиме, пиеме и зборваме...“


Ова е извадок од урокот “Снагата на чоеко“ од првиот печатен буквар на македонски јазик, познатиот АБЕЦЕДАР публикуван во 1925 година и наменет за учење на малцинскиот македонски јазик во Егејска година. Букварот никогаш не стигна до клупите и учениците за кои беше наменет... Деновиве и 81 година подоцна, во Атина беше промовиран препечатениот АБЕЦЕДАР а зад новиот стар-буквар како иницијатори стојат политичката партија „Виножито“ околу која гравитира македонското малцинство во Грција и Грчкиот комитет на Европското биро за помалку употребувани јазици (ЕБЛУЛ). Грчките власти молкум и без ниеден коментар ја проследија промоцијата во центарот на Атина, но тоа и воопшто дозволата такво издание да се отпечати во Грција не значи дека е променет добро познатиот грчки став дека во рамките на таа држава не постои никакво етничко или јазично малцинство. Особено не македонско и покрај тоа што Грција „де факто“ во 1925 го призна македонскиот јазик. ..

Во 20-те години на минатиот век “Грција беше обврзана да отвори училишта и да му даде и верска поука на македонското население во своите граници создадени по Букурешт. Во 1925 година Грција мораше да го објави овој прв и единствен буквар” изјави академик Блаже Ристовски на минатогодишниот свечен собир што го организираше Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) по повод 80-годишнината од печатењето на првиот буквар за македонското малцинство во Грција. Според Ристовски, “Абецедарот” предизвикал бурни реакции кај соседите бидејќи, од една страна, Белград сметал дека во тој дел Македонците се Срби, а Бугарија сметала дека тие се Бугари.

Победниците диктираат

На инсистирање на Друштвото на народите на 10 август 1920 година беше потпишан договор за заштита на негрчките народности меѓу големите сили и Грција. Договорот го доби името Севрски договор според името на местото на Франција каде што бил потпишан. По силата и словото на Севрскиот договор, Грција презеде низа обврски, со кои на малцинствата им се гарантира животот, имотот и слободата, како и граѓанските и политичките права. Со овој Договор на малцинствата во Грција им се гарантираше слободна употреба на нивниот мајчин јазик во сите истапувања. Грчката држава се задолжи да обезбеди специјален буџет за непречен развиток на функционирањето на малцинските училишта. Членовите 7, 8 и 9 од Севрскиот договор се особено важни:

Член 7: „Сите грчки државјани ќе уживаат еднакви граѓански и политички права, без разлика на националност, јазик или религија. Посебно“.

„Нема да биде озаконето никакво ограничување на слободната употреба на кој било јазик од кој било грчки граѓанин...“

Член. 8: „Грчките граѓани кои им припаѓаат на посебни национални, верски и јазични малцинства, ќе го уживаат правото на ист третман, на исти гаранции, како и другите грчки граѓани“.

Член 9: „Во врска со просветата, грчката влада во градовите и околиите каде што живеат поголем број граѓани кои не зборуваат грчки, ќе им даде соодветни олеснувања, за да може на тој начин да им се обезбеди на децата на тие грчки државјани во основните училишта да учат на нивниот мајчин јазик...“

Грчкиот политичар од македонко потекло Сотириос Коџаманис напишал : „Победниците од Првата светска војна не само што и' наложија на Грција да ги признае националните, верските и јазичните малцинства, туку ја принудија и да признае дека спогодбите за малцинствата претставуваат обврска од меѓународен интерес под гаранција на Друштвото на народите“.

Букварот беше издаден на хрватска латиница во Атина и напишан на леринско-битолско наречје со латинично писмо. Тој е првиот значаен документ на македонски народен јазик напишан по Речникот на Џанели од шеснаесеттиот век и Даниловиот четиријазичник од деветнаесеттиот век.




Новото издание на АБЕЦЕДАРОТ претставува егзактна копија на оригиналот што се чува во Националната библиотека во Атина (странски списанија, рег. Бр:1ХЦ/-а). Долго време се сметало, дека сочуван е само еден примерок од оригиналното издание кој се наоѓа во државната библиотека во Виена. Читателот Атанас ликовски, вчера ги информираше македонските медиуми дека оригинален примерок се чува и во Државниот архив на Македонија. Според Луковски, овој примерок бил дониран на архивот во 1976 година од Вангел Ајановски – Оче познат револуционер од Егејска Македонија. Тој примерок бил сочуван од некој селски учител Македонец кој за време на Граѓанската војна во Грција им го дал на македонските партизани кои преминувале на територијата на НР Македонија. Вангел Ајановски го чувал долги години овој исклучителен документ во својата лична архива пред да го депонира во Архивот.

АБЕЦЕДАРОТ во Државниот архив е заведен под сигнатура RK II. 127.inv. br 216/76. Единствениот примерок се чува во посебен сеф – објаснува Гаце Стојановски помошник раководител на Секторот за заштита користење и побликување на архивската граѓа. Букварот со 12 на 18 сантиметри и со вкупно 40 страници е конзервиран веднаш по приемот. Сега се чува на во метална каса на постојана температура од 18 степени Целзиусови и на влажност на воздухот од 60 отсто. Дознаваме, само четири лица од редовно вработените во Архивот имаат пристап до просторијата каде се чува АБЕЦЕДАРОТ.

Внимателен маневар

Мерките веројатно се разбирливи имајќи ја пред вид сторијата на букварот. Некои примероци од абецедарот биле испратени во некои околии од западниот дел на Егејска Македонија (Костурско, Леринско и Воденско) и соодветните училишни власти преземаа мерки македонските деца до четврто одделение да посетуваат настава на мајчин јазик. Меѓутоа додека се преземале привидни мерки за отворање македонски училишта, во 1925 година бил инсцениран напад на возот кој требал да го пренесе комплетниот тираж на АБЕЦЕДАРОТ и разбирливо уништени се сите примероци. Со исклучок на неколку...

Павлос Воскопулос член на политичкиот секретаријат на „ЕФА – Виножито“ во предговорот на новото издание на АБЕЦЕДАРОТ констатира дека грчките власти никогаш искрено не пристапија кон решавање на прашањето на македонците и нивните национални права во Грција. Воскопулос го цитира експертот О’Молињи од Секретаријатот на Друштвото на народите кој се залагаше за употреба на кирилско писмо во „Абецедарот“, чие објавување беше обврска за Грција : „...грчката влада мора да имала некаква посебна причина штом одлучила да го користи латинското писмо...„ забележал О’Молињи „изгледа дека мотивите се повеќе политички и дека грчката влада има голема желба еднаш за секогаш да се ослободи од сето словенско влијание како од српската така и од бугарската пропаганда кои инаку би продолжиле на нов начин и би го загрозиле грчкиот суверенитет над Солун “

Латиничното писмо е одбрано за официјално во македонскиот буквар издаден 1925 година и тоа не е случајно туку внимателен маневар со кој требало да се амортизира бугарската и српската пропаганда кои претендираа дека славофонското население на грчка територија е бугарско односно српско. Грчката страна ,,словенското малцинство” во Егејска Македонија го дефинирала како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите.

Тажна приказна

Василис Дендрамис претставник на грчката влада во Друштвото на народите во писмо од 10 ноември 1925 година (кое се чува во архивите на Друштвото на народите во Женева) истакнал дека македонскиот јазик не е идентичен со бугарскиот бранејќи го притоа издавањето на букварот на македонски јазик но со латинична хрватска абецеда. Абецедарот така не бил издаден ниту на бугарски ниту на српски јазик туку на леринско-битолското наречје.

“Сепак, тој ‘Абецедар’ претставува учебник за Македончињата во Грција, кој е единствен по тоа што е отпечатен со латинична азбука, со специјална азбука за посебните букви на македонскиот јазик и поради тоа што се земени истите говори што ги зеде и Мисирков”, смета академик Ристовски.

Академик Ристовски во беседата лани во МАНУ потенцираше дека овој “Абецедар” не е лишен и од извесно актуелно национално-политичко значење во денешните меѓудржавни и меѓународни околности, бидејки токму грчката Влада и денес го негира не само името на македонската меѓународна афирмирана држава, туку и македонското име, како и македонскиот културно-историски ентитет и современиот национално-политички легитимитет вклучително и современиот македонски литературен јазик.

Извесно е дека тажната приказна за „Абецедарот“ кој никогаш не ја извршил функцијата за која бил наменет е еден од формите за отворени или прикриени притисоци чија цел била - иселување на македонското население од Егејска Македонија. Со тоа сите напори за задоволување на малцинските права на македонското население би станале беспредметни, што од денешна дистанца се гледа дека ваквата грчка владина политика дала успешни резултати. Поради колонизацијата во 20-те години на XX век, а посебно по егзодусот на македонското население за време на Граѓанската војна од 1949 година, денес етничката карта во Егејска Македонија е значително изменета. Но, „Абецедарот“ сам по себе останува силно сведоштво за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција.

Атанасиос Парисис претседател на Грчкиот комитет на Европското биро за помалку употребувани јазици во предговорот на „Абецедарот“ пишува: ...„длабоко сум трогнат... Ова е буквар на мојот мајчин јазик еден од најстарите јазици во Европакој според најугледните лингвисти и слависти беше камен-темелник на сите други словенски јазици“.Тоа е јазикот кој беше прогонуван без никаква грижа на совеста од официјални и неофицијални механизми на грчката држава особено по првиот неуспешен обид за издавање на „Абецедарот“ во 1925 година

Овој документ е од извонредна голема важност како за дефинирањето на посебноста на македонската националност уште во средината на 20-те години од минатиот век, така, уште повеќе и за фактот што тогашната грчка влада за прв пат официјално го признала постоењето на македонска националност во рамките на тогашната грчка држава... Таа (грчката држава) целосно го доведе до заблуда грчкото општество и направи самите Грци да поверуваат дека ние Македонците сме непостојни и невидливи...“

Во грчкиот комитет на ЕБЛУЛ и во „Виножито“ се уверени дека препечатувањето на „Абецедарот“ ќе биде основна „алатка за читање и пишување на нашиот мајчин јазик за сите Македонци во Грција и пошироко, но дека тој ќе биде интересна книшка за сите Грци кои сакаат да дознаат нешто повеќе за нивната земја, работи кои досега ги игнорирале“.


„УТРИНСКИ ВЕСНИК“

По Атина, промоција на букварот на македонски јазик и во Солун

По Атина, промоција на букварот на македонски јазик и во Солун


Скопје, 13 ноември (МИА) - Букварот на македонски јазик во Грција по минатонеделната промоција во Атина, денеска ќе биде промовиран и во Солун.

Промоцијата ја организираат Eвропското биро за помалку употребувани јазици (ЕБПУЈ), неговиот грчки комитет и партијата на Македонците во Грција „Виножито“. Организаторите најавија дека абецедарот ќе го промовира претставник на ЕБПУЈ, а ќе присуствуваат писатели, новинари и претставници на граѓански организации кои го поддржуваат воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Грција.

Атинската промоција на букварот беше на 7 ноември во Здружението на атинските новинари, лоцирано во близина на грчкиот Парламент. Промоцијата мина под силно полициско обезбедување и со протести на седумдесетина припадници на ултранационалистичката организација „Златна зора“ кои извикуваа антимакедонски пароли и делеа летоци.

Ова е второ издание на буквар на македонски јазик во Грција. Пред осум децении грчката Влада по налог на Друштвото на народите отпечати абецедар на македонски јазик, но набрзо го повлече и уништи.

Издавач на абецедарот е грчкиот лекар и интелектуалец Георгиос Накрацос, кој јавно говори и пишува за постоење на македонското малцинство во Грција. Печатењето на букварот индиректно е финансирано и од грчката Влада со казната што ја плати откако Судот за човекови права во Стразбур пресуди дека Грција го опструира политичкото здружување на македонското малцинство. са/нс/8:46

Раздвижување на малцинските прашања

„Етнос“: Раздвижување на малцинските прашања

Во написот се посочува дека „писателска група од триесет лица се обидела да ја воскресне политички „Виножито“ на Воскопулос - Филипов и наводното “македонско малцинство во грчка Македонија“, јавува МИА.
Весникот пишува дека иницијаторите сакаат да ја искористат шансата, која сметаат дека ќе им овозможи раздвижување околу прашањето за малцинствата во Стејт департментот и аво американската амбасада во Атина.
Во написот се вели дека македонската државна телевизија и еден приватен телевизиски канал објавиле репортажи од промоцијата, на која не присуствувал ми министерот за образование Мариета Јанаку.

[-]

Грчките националисти не ја спречија промоцијата на македонскиот буквар

Букварот на македонски јазик во Грција, по минатонеделната промоција во Атина, завчера беше промовиран и во Солун. Исто како и во Атина, промоцијата се одржа под силно полициско обезбедување. За разлика од Атина, солунската полиција не им дозволи на ултранационалистите ни да се доближат до зградата во која се одржуваше промоцијата.

Павле Васкопулос од Партијата на Македонците во Грција „Виножито“ изјави дека по Атина, која, како што рече, е мозокот на национализмот, букварот „Абецедар“ сега се промовира и во срцето на грчкиот национализам Солун.

На промоцијата присуствува стотина писатели, новинари и претставници на граѓански организации што го поддржуваат воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Грција.

[-]

Абецедар за признавање на македонското малцинство



Абецедар за признавање на македонското малцинство
Во Здружението на атинските новинари, лоцирано во близина на грчкиот Парламент во Атина, завчеравечер беше промовиран абецедар, буквар на македонски јазик.На промоцијата присуствуваа стотина новинари, писатели и претставници на граѓански организации кои го поддржуваат воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Грција.Павле Воскопулос од партијата на македонското малцинство во Грција „Виножито“ на промоцијата рече дека објавувањето на абецедарот е многу значен настан за Македонците во Грција, чекор напред во промоцијата и признавањето на македонскиот јазик во таа земја.Панајотис Димитрис, претседател на грчкиот Хелсиншки комитет истакна дека Грција треба и мора да го признае македонскиот јазик. Поранешниот претседател на грчкиот огранок на Амнести интернешенл Дионисис Бусетис истакна дека не држат тврдењата оти македонскиот јазик е вештачки. Како може да се каже дека е вештачки кога се зборува и во Македонија, Грција, Австралија, во Канада..., забележа Бусетис.Промоцијата на букварот се одржа под силно полициско обезбедување. Пред Здружението на атинските новинари за време на промоцијата протестираа седумдесетина припадници на ултранационалистичката организација „Златна зора“ кои извикуваа антимакедонски пароли и делеа летоци. Ова е второ издание на буквар на македонски јазик во Грција. Пред осум децении грчката Влада по налог на Друштвото на народите отпечати абецедар на македонски јазик, но набрзо го повлече и уништи. Издавач на абецедарот е грчкиот лекар и интелектуалец Георгиос Накрацос, кој јавно говори и пишува за постоење на македонското малцинство во Грција. Печатењето на букварот индиректно е финансирано и од грчката Влада со казната што ја плати откако Судот за човекови права во Стразбур пресуди дека Грција го опструира политичкото здружување на македонското малцинство.


[-]

Во Солун се промовираше македонскиот Абецедар

13.11.2006
Павлос Воскопулос

Стотина метри од плоштадот во Солун, каде што пред 14 години Грците протестираа против македонското уставно име, денеска промоција на абецедарот на македонскиот јазик, чиешто прво издание грчката Влада го отпечати пред 81 година.
Во салата на работничкиот дом во Солун вечерва голем број на грчки интелектуалци, новинари и луѓе од јавниот живот, даваат поддршка за букварот и претседателот на европското биро за помалку употребувани јазици.
Инаку, промоцијата ја организираат грчкото биро и партијата „Виножито“.
„Ако срцето на грчкиот национализам чука последните години во Солун, вие добро знаете за големите антимакедонски демонстрации во минатите години, сепак мозокот е во Атина, центарот е таму и ние мораме баш таму, каде пред 80 години се отпечати буквар на македонски, да го започнеме овој процес на јазична еманципација на Ммакедонците во Грција“, изјави Павлос Воскопулос, „Виножито“.
Попладнево на неколку позиции во центарот на Солун имаше специјални единици на грчката полиција, која промоцијата на абецедарот ја оцени за настан со висок безбедносен ризик.
Според нашите информации, членови на ултранационалистичката партија „Златна зора“ протестираат против промоцијата на букварот на македонски. Сепак, во Солун се против македонската идеја и збор.
Стотина членови на грчката левица собрани пред работничкиот дом во Солун, велат дека сите имаат право да го зборуваат мајчиниот јазик. Тоа се нивните аргументи на прашањето зошто дошле да дадат поддршка на промоцијата на букварот.
Инаку, судирот меѓу двете групи го спречува полицијата, а на изненадување на организаторите на промоцијата се присутни и голем број од грчките медиуми, кои што досега обично ги бојкотираат активностите на Македонците во Грција.

[-]

вторник, 7 ноември 2006

Промоција на букварот на македонски јазик во Атина

07.11.2006

Осумдесет и една година од кога по налог на Друштвото на народите Грција го отпечати абецедарот за македонските деца во Егејска Македонија, негова јавна промоција во Атина.
Букварот треба да биде уште еден сигнал за Грција да го промени својот однос кон јазичните малцинства, вели Атанасиос Парисис.
Тој не очекува грчките националисти да протестираат поради промоцијата на абецедарот „Агностико“, кој е отпечатен на македонски, грчки и англиски јазик, а ќе биде промовиран во Клубот на атинските новинари.
„Ние сакаме многу луѓе, многу граѓани да научат за тој абецедар, да ја научат историјата на абецедарот, да научат дека Македонците во Грција не се, како што кажува националистичката пропаганда, создадени од Тито, од Коминтерната, од Граѓанската војна, од некои темни, црни сили итн.“, рече Атанасиос Парисис, Биро за помалку употребувани јазици.
Промоцијата на абецедарот е всушност поддршка на Македонците за демократијата во Грција, вели за А1 Павле Воскопулос, еден од претседателите на „Виножито“.
Грчката позиција за непризнавање на македонското малцинство е дотолку повеќе апсурдна ако се знае дека букварот индиректно е финансиран и од грчката Влада.
Петте илјади евра, со кои Судот за човекови права во Стразбур ја казни Грција за опструкциите на политичкото здружување на Македонците, се искористени за печатење на букварот. Македонците во Грција најавуваат уште еден проект.
Во тек е подготовка на учебник на три јазици, преку кој и Македонците во Грција, но и во целиот свет ќе можат да го изучуваат македонскиот јазик.

[-]