среда, 15 ноември 2006

По Атина, промоција на букварот на македонски јазик и во Солун

По Атина, промоција на букварот на македонски јазик и во Солун


Скопје, 13 ноември (МИА) - Букварот на македонски јазик во Грција по минатонеделната промоција во Атина, денеска ќе биде промовиран и во Солун.

Промоцијата ја организираат Eвропското биро за помалку употребувани јазици (ЕБПУЈ), неговиот грчки комитет и партијата на Македонците во Грција „Виножито“. Организаторите најавија дека абецедарот ќе го промовира претставник на ЕБПУЈ, а ќе присуствуваат писатели, новинари и претставници на граѓански организации кои го поддржуваат воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Грција.

Атинската промоција на букварот беше на 7 ноември во Здружението на атинските новинари, лоцирано во близина на грчкиот Парламент. Промоцијата мина под силно полициско обезбедување и со протести на седумдесетина припадници на ултранационалистичката организација „Златна зора“ кои извикуваа антимакедонски пароли и делеа летоци.

Ова е второ издание на буквар на македонски јазик во Грција. Пред осум децении грчката Влада по налог на Друштвото на народите отпечати абецедар на македонски јазик, но набрзо го повлече и уништи.

Издавач на абецедарот е грчкиот лекар и интелектуалец Георгиос Накрацос, кој јавно говори и пишува за постоење на македонското малцинство во Грција. Печатењето на букварот индиректно е финансирано и од грчката Влада со казната што ја плати откако Судот за човекови права во Стразбур пресуди дека Грција го опструира политичкото здружување на македонското малцинство. са/нс/8:46