вторник, 7 ноември 2006

Промоција на букварот на македонски јазик во Атина

07.11.2006

Осумдесет и една година од кога по налог на Друштвото на народите Грција го отпечати абецедарот за македонските деца во Егејска Македонија, негова јавна промоција во Атина.
Букварот треба да биде уште еден сигнал за Грција да го промени својот однос кон јазичните малцинства, вели Атанасиос Парисис.
Тој не очекува грчките националисти да протестираат поради промоцијата на абецедарот „Агностико“, кој е отпечатен на македонски, грчки и англиски јазик, а ќе биде промовиран во Клубот на атинските новинари.
„Ние сакаме многу луѓе, многу граѓани да научат за тој абецедар, да ја научат историјата на абецедарот, да научат дека Македонците во Грција не се, како што кажува националистичката пропаганда, создадени од Тито, од Коминтерната, од Граѓанската војна, од некои темни, црни сили итн.“, рече Атанасиос Парисис, Биро за помалку употребувани јазици.
Промоцијата на абецедарот е всушност поддршка на Македонците за демократијата во Грција, вели за А1 Павле Воскопулос, еден од претседателите на „Виножито“.
Грчката позиција за непризнавање на македонското малцинство е дотолку повеќе апсурдна ако се знае дека букварот индиректно е финансиран и од грчката Влада.
Петте илјади евра, со кои Судот за човекови права во Стразбур ја казни Грција за опструкциите на политичкото здружување на Македонците, се искористени за печатење на букварот. Македонците во Грција најавуваат уште еден проект.
Во тек е подготовка на учебник на три јазици, преку кој и Македонците во Грција, но и во целиот свет ќе можат да го изучуваат македонскиот јазик.

[-]