среда, 15 ноември 2006

АБЕЦЕДАР


Патот на македонскиот буквар во Грција долг 81 година

Под притисок на Друштвото на народите, Грција мораше во 1925 година да го објави овој единствен буквар на македонски јазик
ДИМИТАР ЧУЛЕВ

„Сите љуге имат една глава, две раце, две нодзе. Главата има згорје косие, и напрет има две очи, еден нос и една уста. Устата натре има заби и еден јазик. Забите сет бели, јазико је црвен. Со устата јадиме, пиеме и зборваме...“


Ова е извадок од урокот “Снагата на чоеко“ од првиот печатен буквар на македонски јазик, познатиот АБЕЦЕДАР публикуван во 1925 година и наменет за учење на малцинскиот македонски јазик во Егејска година. Букварот никогаш не стигна до клупите и учениците за кои беше наменет... Деновиве и 81 година подоцна, во Атина беше промовиран препечатениот АБЕЦЕДАР а зад новиот стар-буквар како иницијатори стојат политичката партија „Виножито“ околу која гравитира македонското малцинство во Грција и Грчкиот комитет на Европското биро за помалку употребувани јазици (ЕБЛУЛ). Грчките власти молкум и без ниеден коментар ја проследија промоцијата во центарот на Атина, но тоа и воопшто дозволата такво издание да се отпечати во Грција не значи дека е променет добро познатиот грчки став дека во рамките на таа држава не постои никакво етничко или јазично малцинство. Особено не македонско и покрај тоа што Грција „де факто“ во 1925 го призна македонскиот јазик. ..

Во 20-те години на минатиот век “Грција беше обврзана да отвори училишта и да му даде и верска поука на македонското население во своите граници создадени по Букурешт. Во 1925 година Грција мораше да го објави овој прв и единствен буквар” изјави академик Блаже Ристовски на минатогодишниот свечен собир што го организираше Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) по повод 80-годишнината од печатењето на првиот буквар за македонското малцинство во Грција. Според Ристовски, “Абецедарот” предизвикал бурни реакции кај соседите бидејќи, од една страна, Белград сметал дека во тој дел Македонците се Срби, а Бугарија сметала дека тие се Бугари.

Победниците диктираат

На инсистирање на Друштвото на народите на 10 август 1920 година беше потпишан договор за заштита на негрчките народности меѓу големите сили и Грција. Договорот го доби името Севрски договор според името на местото на Франција каде што бил потпишан. По силата и словото на Севрскиот договор, Грција презеде низа обврски, со кои на малцинствата им се гарантира животот, имотот и слободата, како и граѓанските и политичките права. Со овој Договор на малцинствата во Грција им се гарантираше слободна употреба на нивниот мајчин јазик во сите истапувања. Грчката држава се задолжи да обезбеди специјален буџет за непречен развиток на функционирањето на малцинските училишта. Членовите 7, 8 и 9 од Севрскиот договор се особено важни:

Член 7: „Сите грчки државјани ќе уживаат еднакви граѓански и политички права, без разлика на националност, јазик или религија. Посебно“.

„Нема да биде озаконето никакво ограничување на слободната употреба на кој било јазик од кој било грчки граѓанин...“

Член. 8: „Грчките граѓани кои им припаѓаат на посебни национални, верски и јазични малцинства, ќе го уживаат правото на ист третман, на исти гаранции, како и другите грчки граѓани“.

Член 9: „Во врска со просветата, грчката влада во градовите и околиите каде што живеат поголем број граѓани кои не зборуваат грчки, ќе им даде соодветни олеснувања, за да може на тој начин да им се обезбеди на децата на тие грчки државјани во основните училишта да учат на нивниот мајчин јазик...“

Грчкиот политичар од македонко потекло Сотириос Коџаманис напишал : „Победниците од Првата светска војна не само што и' наложија на Грција да ги признае националните, верските и јазичните малцинства, туку ја принудија и да признае дека спогодбите за малцинствата претставуваат обврска од меѓународен интерес под гаранција на Друштвото на народите“.

Букварот беше издаден на хрватска латиница во Атина и напишан на леринско-битолско наречје со латинично писмо. Тој е првиот значаен документ на македонски народен јазик напишан по Речникот на Џанели од шеснаесеттиот век и Даниловиот четиријазичник од деветнаесеттиот век.




Новото издание на АБЕЦЕДАРОТ претставува егзактна копија на оригиналот што се чува во Националната библиотека во Атина (странски списанија, рег. Бр:1ХЦ/-а). Долго време се сметало, дека сочуван е само еден примерок од оригиналното издание кој се наоѓа во државната библиотека во Виена. Читателот Атанас ликовски, вчера ги информираше македонските медиуми дека оригинален примерок се чува и во Државниот архив на Македонија. Според Луковски, овој примерок бил дониран на архивот во 1976 година од Вангел Ајановски – Оче познат револуционер од Егејска Македонија. Тој примерок бил сочуван од некој селски учител Македонец кој за време на Граѓанската војна во Грција им го дал на македонските партизани кои преминувале на територијата на НР Македонија. Вангел Ајановски го чувал долги години овој исклучителен документ во својата лична архива пред да го депонира во Архивот.

АБЕЦЕДАРОТ во Државниот архив е заведен под сигнатура RK II. 127.inv. br 216/76. Единствениот примерок се чува во посебен сеф – објаснува Гаце Стојановски помошник раководител на Секторот за заштита користење и побликување на архивската граѓа. Букварот со 12 на 18 сантиметри и со вкупно 40 страници е конзервиран веднаш по приемот. Сега се чува на во метална каса на постојана температура од 18 степени Целзиусови и на влажност на воздухот од 60 отсто. Дознаваме, само четири лица од редовно вработените во Архивот имаат пристап до просторијата каде се чува АБЕЦЕДАРОТ.

Внимателен маневар

Мерките веројатно се разбирливи имајќи ја пред вид сторијата на букварот. Некои примероци од абецедарот биле испратени во некои околии од западниот дел на Егејска Македонија (Костурско, Леринско и Воденско) и соодветните училишни власти преземаа мерки македонските деца до четврто одделение да посетуваат настава на мајчин јазик. Меѓутоа додека се преземале привидни мерки за отворање македонски училишта, во 1925 година бил инсцениран напад на возот кој требал да го пренесе комплетниот тираж на АБЕЦЕДАРОТ и разбирливо уништени се сите примероци. Со исклучок на неколку...

Павлос Воскопулос член на политичкиот секретаријат на „ЕФА – Виножито“ во предговорот на новото издание на АБЕЦЕДАРОТ констатира дека грчките власти никогаш искрено не пристапија кон решавање на прашањето на македонците и нивните национални права во Грција. Воскопулос го цитира експертот О’Молињи од Секретаријатот на Друштвото на народите кој се залагаше за употреба на кирилско писмо во „Абецедарот“, чие објавување беше обврска за Грција : „...грчката влада мора да имала некаква посебна причина штом одлучила да го користи латинското писмо...„ забележал О’Молињи „изгледа дека мотивите се повеќе политички и дека грчката влада има голема желба еднаш за секогаш да се ослободи од сето словенско влијание како од српската така и од бугарската пропаганда кои инаку би продолжиле на нов начин и би го загрозиле грчкиот суверенитет над Солун “

Латиничното писмо е одбрано за официјално во македонскиот буквар издаден 1925 година и тоа не е случајно туку внимателен маневар со кој требало да се амортизира бугарската и српската пропаганда кои претендираа дека славофонското население на грчка територија е бугарско односно српско. Грчката страна ,,словенското малцинство” во Егејска Македонија го дефинирала како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите.

Тажна приказна

Василис Дендрамис претставник на грчката влада во Друштвото на народите во писмо од 10 ноември 1925 година (кое се чува во архивите на Друштвото на народите во Женева) истакнал дека македонскиот јазик не е идентичен со бугарскиот бранејќи го притоа издавањето на букварот на македонски јазик но со латинична хрватска абецеда. Абецедарот така не бил издаден ниту на бугарски ниту на српски јазик туку на леринско-битолското наречје.

“Сепак, тој ‘Абецедар’ претставува учебник за Македончињата во Грција, кој е единствен по тоа што е отпечатен со латинична азбука, со специјална азбука за посебните букви на македонскиот јазик и поради тоа што се земени истите говори што ги зеде и Мисирков”, смета академик Ристовски.

Академик Ристовски во беседата лани во МАНУ потенцираше дека овој “Абецедар” не е лишен и од извесно актуелно национално-политичко значење во денешните меѓудржавни и меѓународни околности, бидејки токму грчката Влада и денес го негира не само името на македонската меѓународна афирмирана држава, туку и македонското име, како и македонскиот културно-историски ентитет и современиот национално-политички легитимитет вклучително и современиот македонски литературен јазик.

Извесно е дека тажната приказна за „Абецедарот“ кој никогаш не ја извршил функцијата за која бил наменет е еден од формите за отворени или прикриени притисоци чија цел била - иселување на македонското население од Егејска Македонија. Со тоа сите напори за задоволување на малцинските права на македонското население би станале беспредметни, што од денешна дистанца се гледа дека ваквата грчка владина политика дала успешни резултати. Поради колонизацијата во 20-те години на XX век, а посебно по егзодусот на македонското население за време на Граѓанската војна од 1949 година, денес етничката карта во Егејска Македонија е значително изменета. Но, „Абецедарот“ сам по себе останува силно сведоштво за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција.

Атанасиос Парисис претседател на Грчкиот комитет на Европското биро за помалку употребувани јазици во предговорот на „Абецедарот“ пишува: ...„длабоко сум трогнат... Ова е буквар на мојот мајчин јазик еден од најстарите јазици во Европакој според најугледните лингвисти и слависти беше камен-темелник на сите други словенски јазици“.Тоа е јазикот кој беше прогонуван без никаква грижа на совеста од официјални и неофицијални механизми на грчката држава особено по првиот неуспешен обид за издавање на „Абецедарот“ во 1925 година

Овој документ е од извонредна голема важност како за дефинирањето на посебноста на македонската националност уште во средината на 20-те години од минатиот век, така, уште повеќе и за фактот што тогашната грчка влада за прв пат официјално го признала постоењето на македонска националност во рамките на тогашната грчка држава... Таа (грчката држава) целосно го доведе до заблуда грчкото општество и направи самите Грци да поверуваат дека ние Македонците сме непостојни и невидливи...“

Во грчкиот комитет на ЕБЛУЛ и во „Виножито“ се уверени дека препечатувањето на „Абецедарот“ ќе биде основна „алатка за читање и пишување на нашиот мајчин јазик за сите Македонци во Грција и пошироко, но дека тој ќе биде интересна книшка за сите Грци кои сакаат да дознаат нешто повеќе за нивната земја, работи кои досега ги игнорирале“.


„УТРИНСКИ ВЕСНИК“